Кочов: Поразот од Студентски ептен тешко ми падна!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со два порази во три меча го завршија настапот на вториот турнир од АБА2, кој изминатава недела се играше во Бања Лука, откако синоќа, по голема борба во првите 30 минути и по голем пад во последната четвртина, загубија од црногорскиот претставник Студентски центар (75-92).

Аеродромци по лошиот старт дојдоа во егал позиција во третиот период, па дури и поведоа, но наместо да тргнат кон победа тие нагло паднаа, што донесе големо разочарување кај тренерот на екипата, Ѓорѓи Кочов.

„Тешко ми падна овој пораз. Бев убеден дека можеме да го победиме фаворизираниот противник. Од една егал-ситуација, загубивме со резултат што не е реален и тоа на сопствени грешки. Пак го имавме истиот проблем - 21 загубена топка и 50-отстотна реализација на слободни фрлања. Згора на тоа, не ни знам колку пати ни беа досудени чекори, навистина премногу. Му честитам на Студентски Центар, одлична екипа која физички е на ниво на АБА1, меѓутоа мислам дека овој меч можеше и мораше да оди во друг правец“, изјави Кочов.

МЗТ сега има скор 4-3 и е на делба на 4. позиција на табелата со уште четири тима. Работнички, пак, со службени 0-20 ги загуби трите средби кои требаше да ги игра во Бања Лука бидејќи не допатува поради проблеми со коронавирусот, па сега е препоследен на табелата со учинок 2-5.