Калиниќ за тепачката на партизановци: Затвор, крај на кариера – сфаќате ли што правите?

Кошаркарот на Црвена звезда, Никола Калиниќ, остро реагираше на инцидентот во кој беа инволвирани играчи на Партизан, истакнувајќи дека насилството на јавни места е недозволиво и може да има сериозни последици.

Тој во подкастот „Лука и Кузма“ зборуваше за шокот и непријатноста што ги почувствувал кога го видел видеото од пресметката.

„Жал ми е и за момчето што беше удрено, но и за Карлик Џонс како напаѓач. Тоа се настани што можат да ти го променат животот во сосема друг правец. Замислете да се случело нешто полошо – ќе следуваше затвор, крај на кариера. Навистина е несфатливо. Се прашувам, што им е на луѓето? Одете си дома“, изјави Калиниќ.

Српскиот репрезентативец додаде дека, иако и самиот бил во непријатни ситуации, секогаш имал инстинкт кога треба да се повлече.

„Разбирам, можеби си под дејство на алкохол, доцна е, некој те провоцира… но тоа не е оправдување да удриш некого со шише по глава. Тоа не смее да се случува, без разлика кој си и каде си“, нагласи Калиниќ.

Повод за неговата реакција беше тепачката што се случи рано утрото во понеделник, пред ноќен клуб во центарот на Белград, каде, според соопштението на Партизан, нивните кошаркари Карлик Џонс, Стерлинг Браун и Исаак Бонга биле први нападнати. На снимка што се појави на интернет, се гледа како Џонс удира со шише по глава еден од лицата вклучени во конфликтот.

ФОТО: X / @kkcrvenazvezda