Доживотно суспендиран кошаркар кој лани му даде 30 поени на МЗТ во АБА-лигата!

Челниците на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) продолжуваат со борбата против актерите на теренот кои местат натпревари поради обложување, а последен во низата казнети е српскиот кошаркар, Марко Радоњиќ (31 година).

Тој предвреме ја заврши кариерата со оглед што доби доживотна суспензија, без да се прецизира за што конкретно е санкциониран. Србинот сезонава немаше клуб токму поради истрагата што се води против него, а во минатата настапуваше за Борац Чачак, директниот ривал на МЗТ Скопје за опстанок во АБА. Радоњиќ одигра одлично во двете средби против македонскиот првак, со оглед што постигна 18 поени на средбата во Чачак, а 12 поени во Скопје.

Изминатиов период вакви или слични казни добија десетина кошаркари и судии од регионот, но списокот на санкционирани сигурно нема да биде затворен со оглед што се водат нови истраги за сомнителни средби. Покрај Србија, Косово и Грција, од каде што веќе има казнети актери, сомнителни резултати се испитуваат и во Бугарија и Македонија, па прашање е само на време кога ќе има објави за други казнети за местење кошаркарски натпревари.