Кошаркарите на МЗТ Скопје од петтата позиција ќе влезат во плејофот во АБА2, откако вечерва загубија во дуелот против Широки (79-82) што беше директна пресметка за епитетот најдобра несрпска екипа во регуларниот дел од сезоната.

Аеродромци во најголем дел од средбата беа во ептен инфериорна позиција, но на крајот ја искористија индифирентноста на противникот па по негатива од дури 24 поени дојдоа до ситуација да имаат два шута за изедначување и продолжение. Но, Харис Делалиќ односно Марко Миловановиќ ги промашија двата удари, што значеше и крај на надежите за чудо во салата „Пецара“ во Широки Брег.

Босанскиот тим со серија 13-2 на самиот почеток најави победа, а до крајот на првиот период дојде до првото двоцифрено водство (25-15) најавувајќи го крајниот епилог. Домашните кошаркари на крајот од втората и почетокот од третата четвртина со 11 поени во низа дојдоа до плус 17 (48-31). Кон средината на овој ден негативата на МЗТ дојде и до минус 24 (41-65) со што личеше дека пропаднаа дури и микроскопските шанси за целосен пресврт. Но, во последните две ипол минути избраниците на тренерот Васко Атанасов заеиграа многу подобро и со серија 16-0 дојдоа на само минус три и тоа во два наврати, но тоа беше најмногу што направија.

Кошаркарите на Широки шутираа фантастично од далечина и додека ја градеа предноста го погодуваа секој втор шут за тројка, за да завршат со 11 погодоци од оваа позиција, додека аеродромци ги промашија првите десет удари за три поени. Ако на ова се додаде огромната доминација на противникот во скок-играта (45-31) тогаш е јасно зошто македонскиот шампион претрпе убедлив пораз.

Марко Баковиќ со 16 поени и осум скока беше нешто подобар од останатите во сино-белиот тим, трагичарот Делалиќ заврши со 12 поени, додека Војдан Стојановски застана на 10 поени. Мора да се напомене дека македонскиот тим играше без Дамјан Стојановски, кој се повреди во финишот од претходниот дуел со Златибор.

МЗТ Скопје во четврт-финалето од АБА2 ќе игра токму против Широки и тоа во два меча на кош-разлика. Првиот дуел е закажан за 10 април во Скопје, додека реваншот е седум дена подоцна во Широки Бријег.

АБА2 ПЛЕЈОФ

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ (10 и 17 април)

(1) Спартак Суботица - Хелиос

(2) Војводина - Сутјеска

(3) Златибор - Подгорица

(4) Широки – МЗТ СКОПЈЕ

ПОЛУФИНАЛЕ (24 април и 1 мај)

(5) Победник 1 – Победник 4

(6) Победник 2 – Победник 3

ФИНАЛЕ (8 и 14 мај)

Победник 5 – Победник 6