Црвена Звезда и Будуќност две години ќе играат дербија во АБА во – Скопје?

Двата најдобри кошаркарски тимови во регионов, белградска Црвена Звезда и подгоричка Будуќност би можело своите дербија да ги играат во Скопје и тоа во следните две години, ако на петочното Собрание на АБА-лигата биде усвоена декларацијата која ја подготвила хрватска Цедевита.

После хаосот што се случи во финалната серија во оваа сезона во која Ц. Звезда победи во мајсторката и ја освои јадранската круна, Цедевита подготвила декларација во која меѓудругото стои дека во следните две години поради тешките инциденти и некошаркарските работи двата тима да бидат домаќини во меѓусебните пресметки на неутрален терен и тоа – 400 километри подалеку од своите седишта.

Во финалната серија се случија тешки инциденти, прво во Подгорица, а уште пострашни во Белград, кога дел од навивачите на Ц. Звезда влетаа на паркетот и физички тргнаа да се пресметаат со кошаркарите на Будуќност. Иако мечот висеше дали воопшто ќе се одигра, на крајот гостите од Подгорица излегоа и доживеаа дебакл за да го препуштат тронот на црвено-белите.

Ако се усвои декларацијата во која има неколку точки, белградски „Вечерње Новости“, посочува дека Ц. Звезда ќе има избор да игра само во Скопје, Словенија или во Хрватска како домаќин, за разлика од Будуќност кој може да избира помеѓу Хрватска (без Сплит), Словенија, БиХ и Србија, зашто во Македонија нема да може да игра поради оддалеченоста помала од предвидените 400 километри.

Ако се изгласа оваа декларација, на која Србите се спротивставуваат на неколку точки, можно е барем половина од тие дербија да се играат во земјава, зашто белграѓани многу полесно би допатувале во Скопје во однос на Словенија, а тешко замисливо е дека би одбрале да бидат домаќини во Хрватска. Македонската престолнина може да им понуди две сали, СЦ „Борис Трајковски“ или СЦ „Јане Сандански“.

Но, тоа што е најлошо во ситуација, кога несакајќи би добиле шанса да го угостиме кремот на јадранската кошарка е фактот што македонската кошаркарска јавност нема да може да ги гледа мечевите, оти е предвидено да се играат без публика.

Во декларацијата на Цедевита се повикуваат двата тима да се оградат од начинот на навивање и организација на мечевите во финалната серија, кои не беа во спортскиот дух, ниту на основните принципи на кои почива АБА-лигата, пред се ферплејот и нултата толеранција за насилство. Се бара да се дополнат правилниците за експресно реагирање при секои идни инциденти, но и да се стави во истата дека нередите во финалните мечеви потполно ја делегитимирале освоената титула, нешто за кое најмногу реагираат од Србија.Последната точка е барање гигантите од Црна Гора и од Србија да играат надвор од своите држави, најмалку 400 километри оддалечени од своето седиште.