Автодеструкција на Будуќност, Партизан почна со брејк

Екипата на Партизан со брејк го почна походот кон осмата титула во АБА лигата откако направи брејк во првиот финален натпревар против Будуќност.

„Црно-белите“ на неверојатен начин славеа во Подгорица со 94-88 по продолжение иако на 45 секунди пред крајот на основниот дел, домаќините водеа со осум разлика (83-75). Ферел потоа ја загбуи топката, Камењаш промаши две слободни фрлања, па Партизан го искористи тоа, благодарение на две тројки на Стерлинг Браун и забивањето на Тајрик Џонс на две секунди пред крајот.

Во продолжението доминираше Партизан, но победникот беше решен во последната минута, пред се поради неколкуте грешки на домашните кошаркари.

Стерлинг Браун го одбележа натпреварот со 30 поени, но во клучните моменти се истакна Бонга кој имаше неколку важни скокови и мечот го заврши со дабл дабл од 12 поени и 11 скока. Кај Будуќност најефикасен беше Ферел со 17 поени, но МВП од основниот дел од сезоната Мекинли Рајт беше повреден и одигра само осум минути за кои не успеа да се запише во листата на стрелците.

И вториот меч од финалната серија се игра во Подгорица, в сабота од 21 часот.