Вембанјама си играше со Мемфис, па промаши шут за победа (ВИДЕО)

Првиот пик на ланскиот драфт Виктор Вембанјама одигра уште еден извонреден натпревар, но не успеа да го круниса со триумф.

Сан Антонио на домашен терен загуби од Мемфис со 97-99, а францускиот центар пропушти можност да биде херој на својот тим. Постигна 31 поен, 16 скока и 5 асистенции, но со истекот на времето не успеа да погоди шут од далечина со кој ќе им донесеше победа на Спарс. За волја на вистината, акцијата не беше добро испланирана, Вембанјама ја доби топката далеку од кошот и мораше да шутира од лоша позиција поради што и можноста да погоди беше минимална.

Џерен Џексон постигна 28 поени и 7 скока во победничката екипа, но мора да се истакне дека мечот имаше ревијален карактер бидејќи двете екипи одамна ги загубија шансите за пласман во плејофот.

РЕЗУЛТАТИ
Детроит - Бостон 102-129
Торонто - Оклахома 103-123
Мајами - Њу Орлеанс 88-111
Минесота - Кливленд 104-91
Сан Антонио - Мемфис 97-99
Голден Стејт - Индијана 111-123
Портланд - ЛА Клиперс 117-125
ЛА Лејкерс - Филаделфија 101-94