Уште еден историски трипл-дабл на Јокиќ, ама и нов пораз за Денвер (ВИДЕО)

Индијана Пејсерс ја продолжи низата неуспеси на Денвер Нагетс, совладувајќи го тимот од Колорадо со 125-120 и нанесувајќи му го четвртиот последователен пораз во НБА.

Иако Никола Јокиќ имаше уште едно историско издание, со 41 поен, 15 скока и 13 асистенции, неговата грешка во клучните моменти го чинеше тимот ново разочарување. Се беше отворено во последните секунди од натпреварот, кога Пејсерс водеа со само два поени разлика (122-120). Денвер имаше можност да израмни или да направи пресврт, но токму Јокиќ, кој до тој момент беше незапирлив, направи клучна грешка. Наместо да му ја врати топката на Браун, се реши за додавање кон Вестбрук, но топката заврши во аут. Во наредниот напад, на четири поени негатива, Јокиќ промаши шут за три поени и надежите на Денвер згаснаа.

И покрај индивидуалниот подвиг со 32. трипл-дабл сезонава, Јокиќ не успеа да го спаси својот тим. Со тоа го надмина рекордот на Вилт Чембрлен за најмногу трипл-дабл учиноци на еден центар во една сезона (31), но тоа не беше доволно за победа. На табелата, Денвер остана на четвртата позиција на Западот, но со натпревар повеќе од најблиските конкуренти – Минесота, Мемфис, Клиперс и Голден Стејт – што значи дека ризикува пад до осмото место. Кај Индијана, најрасположен беше Тарнер со 24 поени, а тимот се зацврсти на четвртото место во Источната конференција, позиција на која најверојатно ќе го заврши регуларниот дел од сезоната.

РЕЗУЛТАТИ: Голден Стејт – Хјустон 96-106, Њу Орлеанс – Милвоки 107-111, Денвер – Индијана 120-125, Њујорк – Феникс 112-98, Атланта – Јута 147-134, Бостон – Вашингтон 124-90, Кливленд – Сакраменто 113-120, Портланд – Сан Антонио 120-109, Бруклин – Торонто 109-120, Оклахома – ЛА Лејкерс 99-126, Шарлот – Чикаго 117-131.