Трагичарот Јокиќ се извини за огромната грешка на мечот против Сан Антонио!

Кошаркарите на Денвер Нагетс ноќеска загубија од Сан Антонио Спарс (110-113), а клучниот момент беше грешката на Никола Јокиќ во последните секунди.

Србинот одигра фантастичен натпревар со 41 поен, 18 скокови и девет асистенции, но киксна во последниот напад, кој заврши со негово промашување, што се покажа како пресудно. На прес-конференцијата по натпреварот, тој ја презеде одговорноста и се извини за својата одлука.

„Беше акција што обично добро функционира помеѓу мене и Џамал. Тој ми ја додаде топката, можеби требаше веднаш да шутирам. Се обидов да влезам во контакт, но Шампејн се приближуваше. Немав доволно простор за контакт со Вембањама, се обидов да шутирам, но тој веќе беше таму. Не сакав да дозволам да ме блокира, а можеби требаше. На крајот, ја фрлив топката, што беше многу лоша одлука“, изјави Јокиќ.

Јокиќ исто така упати пофалби за младиот француски кошаркар, кој одигра одлично во одбраната.

„Тој е специјален играч. Не можев да го поместам, бидејќи ги користеше рацете многу паметно. Шампејн исто така беше тука и се плашев дека ќе ми ја украдат топката. Вембањама е подобар од минатата сезона и ќе биде уште подобар со искуството, физичките промени и развојот на тимот. Тој е уникатен играч кој ќе остане запаметен“, додаде Јокиќ.

На крајот, тој уште еднаш се осврна на завршницата.

„Можеби требаше да побараме тајм-аут и да организираме подобар шут, но кој може да знае? Ова беше грешка на сите нас, не само моја“, заклучи српскиот репрезентативец.

„Нагетси“ со овој пораз остануваат на петтото место на Западната конференција со скор од 19 победи и 14 порази.