„Подобар сум од Леброн Џејмс и Џордан, јас сум – Исус Христос! (ВИДЕО)

Поранешниот НБА-кошаркар, Делонте Вест, беше уапсен минатата недела во Феникс, откако пијан викал по улица и удирал по вратата на една од околните куќи, по што излезе видео од неговото апсење на кое најдобро се гледа неговата лоша ментална состојба.

На видеото се слуша како поранешната ѕвезда пцуе и гласно вика по полицајците.

„Бев подобар од Леброн Џејмс. Подобар сум и од Мајкл Џордан. Бев најдобар во кошаркарската историја“, се слуша како кажува Вест, кој наводно продолжил со тврдење дека е Исус Христос и претседател на САД.

Тој во кариерата заработи 16 милиони долари, но набрзо остана без скршен цент. На поранешниот соиграч на Џејмс му било дијагностицирано биполарно пореметување, по што почнал со пороците како дрога и алкохол, па животот му се распадна целосно. Во НБА влезе како 24. пик на драфтот во 2004 година од Бостон, а потоа играше за Сиетл, Далас и Кливленд.

Пред една година на социјалните мрежи се појавија негови стравични слики како бездомник, по што газдата на Далас маверикс, Марк Кјубан, му плати рехабилитација од дрогата и му најде сместување. И кога сите помислија дека проблемите се зад него, овие последни снимки од апсењето покажуваат дека се вратил на лошите патеки.