НБА легенда направила драма на паркинг - може да добие и десет години затвор!

Поранешната НБА ѕвезда и еден од најпрепознатливите кошаркари на 90-тите години, Шон Кемп, се соочува со обвинение за вооружен напад од втор степен поради инцидент што се случил во 2023 година во градот Такома.

Според обвинителниот акт, Кемп на паркинг од трговски центар пукал кон двајца мажи. Во своја одбрана тој навел дека двете лица претходно украле лични предмети од неговиот автмобил, а тој ги затекнал на лице место. 

Иако првично беше обвинет за напад од прв степен, обвинителството подоцна го прошири делото со дополнително обвинение за напад и пукање од автомобил.

Нападот од втор степен според законите во сојузната држава Вашингтон вообичаено носи казна од три до девет месеци, меѓутоа максималната казна изнесувва десет години со дополнителна парична казна од 20.000 долари. Судот пресудата ќе ја објави на 22 август.

Шон Кемп е добро познат на љубителите на кошарката ширум светот. Како шесткратен учесник на НБА Ол-стар, Кемп беше дел од легендарниот тим на Сиетл Суперсоникс, заедно со Гери Пејтон и Детлеф Шремф, тим што важеше за еден од најатрактивните во историјата на франшизата, иако никогаш не успеа да дојде до шампионската титула.