На Лејкерс не им беше доволен „страшниот“ Леброн - Дончиќ со вирус беше ужасен (ВИДЕО)

Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс поведоа со 2-1 во победи во пресметката од првото коло од НБА плејофот против ЛА Лејкерс, откако ноќеска, на домашен терен, ја добија третата средба од серијата (116-104).

Натпреварот беше изедначен во текот на првите три четвртини, но „волците“ ја презедоа контролата во втората половина од третата четвртина. Иако Лејкерси изедначија на 103-103 во финишот, домашните одговорија со клучна серија од 13-1 со која ја осигураа победата. Најзаслужен за триумфот беше Џејден Мекдениелс, кој одигра натпревар од кариерата и постигна 30 поени. Ѕвездата на тимот, Ентони Едвардс, блесна со 29 поени, осум скокови и осум асистенции. Добар придонес имаа и Џулиус Рендл со 22 поени, Наз Рид со 11 и Данте Дивинченцо со 10 поени.

И покрај поразот, Леброн Џејмс уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите во историјата – заврши со 38 поени, 10 скокови, две украдени топки и две блокади. Сепак, не доби доволна поддршка од соиграчите. Лука Дончиќ, кој настапи со стомачен вирус, одигра под своето ниво – мечот го заврши со 17 поени, седум скокови и осум асистенции (шут 6/16). Остин Ривс додаде 20 поени, но Минесота со цврста одбрана успеа да го неутрализира нападот на Лејкерси, кои најголем дел од натпреварот делуваа дезориентирано.

Четвртиот дуел се игра исто така во Минесота и тоа утре вечер со почеток од 21.30 часот по македонско време.

ФОТО: EPA PHOTO