„Македонецот“ од Тотнем роденденот го прослави во дрес на – Црвена звезда (ФОТО)

Шведскиот репрезентативец со македонско потекло, Дејан Кулушевски, својот 25. роденден го прослави облечен во дрес на Црвена звезда, што предизвика изненадување кај навивачите на српскиот клуб.

Фотографијата, објавена од неговата сопруга Сандра, го прикажува Кулушевски како лежи опкружен со своите кучиња, носејќи кошаркарски дрес на Милош Теодосиќ од тековната сезона. Овој момент привлече внимание не само поради неочекуваниот избор на дрес, туку и поради личната приказна на фудбалерот. Тој е роден во Стокхолм, но потекнува од македонско семејство – татко му Стефан е од Охрид, а мајка му исто така има македонски корени. Во младинските категории, тој настапуваше за репрезентациите на Шведска и Македонија, но на сениорско ниво одлучи да ги претставува Скандинавците.

Клупската кариера ја започна во италијанската Аталанта, а потоа се афирмираше во Парма. Во 2020 година премина во Јувентус за 35 милиони евра, а во 2022 година се приклучи на Тотнем, каде што досега има одиграно 113 натпревари и постигнато 22 гола. За шведската репрезентација има 45 настапи и пет погодоци.

ФОТО: EPA PHOTO