Мерки на штедење во Бостон: Си отиде и Порзингис, Селтикс спасија 180 милиони долари

Една година откако на доминантен начин ја освои титулата во НБА, Бостон Селтикс тргнува во целосна реконструкција на тимот и со девизата дека бизнисот е поважен од кошарката и успесите.

Пред два дена Џру Холидеј беше испратен во Портланд, а ноќеска франшиизата од Масачусетс се ослободи и од Кристапс Порзингис кого го испрати во Атланта Хоукс во трејд на три екипи. Со ова, Бостон можеби го ослабна својот тим, но се ослободи од вкупно 180 милиони долари, колку што требаше да им плати за данок на луксуз, заедно со платите на двајцата кошаркари.

Во трејдот, покрај Бостон и Атланта, учествува и Бруклин кој го доби Теренс Мен и 22. пик на претстојниот драфт, додека во Хоукс замина Џорџ Нианг и избор во првата рунда. За Порзингис, Атланта ќе биде петти тим во кариерата, по Њујорк, Далас, Вашингтон и Бостон.