Лејкерс и Индијана заборавија да играат одбрана - 295 поени во Лос Анџелес (ВИДЕО)

Лос Анџелес Лејкерс и Индијана Пејсерс им приредија вистинско шоу на љубителите на кошарката откако на меѓусебниот дуел во Крипто арената постигнаа вкупно 295 поени и тоа без продолжение.

Победија домаќините со 150-145, а 150. постигнати поени се најмногу за нив во последните 37 години, односно по 2 јануари 1987 кога го совладаа Феникс со 155-118. Освен ефикасна игра, натпреварот понуди и драматика бидејќи се решаваше во последните секунди и покрај тоа што Лејкерс во третата четвртина водеа со 19, а во последна влегоа со 17 поени предност.

Индијана се разигра во последниот период, постигна 46 поени со шут од игра 64,3% и 8/12 за тројка и на нешто помалку од 22 секунди пред крајот се доближи на само три поени негатива. Во следниот напад Динвиди погоди едно слободно фрлање, Халибартон промаши шут за тројка, а Пејсерс не го искористија ни дополнителниот напад по офанзивниот скок на Сијакам, па Редиш стави точка на мечот од пенал-линијата.

Ентони Дејвис и Паскал Сијакам со по 36 поени беа најефикасни играчи на мечот, двајцата имаа и двоцифрен број скокови (16, односно 13), а се истакна и Леброн Џејмс со 26 поени, 10 асистенции и 5 скока.

РЕЗУЛТАТИ
Детроит - Њу орлеанс 101-114
ЛА Клиперс - Филаделфија 107-121
Мајами - Кливленд 121-84
Минесота - Голден Стејт 114-110
Милвоки - Оклахома 118-93
ЛА Лејкерс - Индијана 150-145