
Леброн како во најдобрите денови, му даде 37 поени на Хјустон (ВИДЕО)
Лос Анџелес Лејкерс ја оствари четвртата победа во последните пет натпревари, по триумфот против Хјустон со 105-104, а убедливо најдобар поединец во тимот беше токму ветеранот. Заврши со 37 поени, погоди 14/19 од игра и 7/9 од линијата за слободни фрлања, а доминантната претстава пред домашните навивачи ја дополни со 8 асистенции, 6 скока и 3 освоени топки.
Тоа е петти натпревар на Леброн оваа сезона во кој постигна 30 или повеќе поени, но ефектот против Хјустон е негов најдобар во актуелното првенство. Му недостасуваат уште пет поени за да ја мине границата од 39.000 во кариерата и тоа сигурно ќе се случи на претстојниот меч против Јута Џез на домашен терен утре вечер.
Покрај Леброн, на натпреварот со Хјустон се истакна и Ентони Дејвис со 27 поени и 10 скока, а Остин Ривс додаде 17 поени, вклучувајќи исклучително важна тројка во финишот. На спротивната страна, Дилон Брукс постигна 24 поени, а Алперен Шенѓун додаде 23 поени и 10 скока.
На останатите натпревари, за издвојување е поразот на шампионот Денвер Нагетс на гостувањето кај Кливленд со 109-121 и триумфот на Сакраменто на гости кај Далас со 129-113.
РЕЗУЛТАТИ
Бруклин - Филаделфија 99-121
Торонто - Детроит 142-113
Индијана - Орландо 116-128
Кливленд - Денвер 121-109
Далас - Сакраменто 113-129
Јута - Феникс 137-140
Мемфис - Бостон 100-102
Портланд - Оклахома 91-134
ЛА Лејкерс - Хјустон 105-104