Леброн џабе блеска: Кливленд му ја продолжи победничката серија на Портланд! (ВИДЕО)

Леброн Џејмс може да има само лична сатисфакција, но прашање е колку таа е доволна кога вашиот тим губи. Кливленд синоќа беше поразен во Портланд и покрај фантастичната претстава на „Кралот“.

Леброн Џејмс постигна 35 поени, 14 скока и шест асистенции, но Кливленд загуби со 105-113 во Портланд. Домаќините се израдуваа на 11. победа едноподруго влегувајќи во одлична форма пред плејофот. Нивни предводници и овој пат беа Си-Џеј Меккалум со 29 поени и Демијан Лилард со 24.

Сепак, сѐ од овој натпревар ќе се заборави, освен ѕверското забивање на Леброн преку Јусуф Нуркиќ, едно од најдобрите во неговата кариера. Кливленд е четврти на Истокот, со 29 победи и со лоша форма, помогната од многу повреди во периодов. Портланд, од друга страна, со оваа победничка серија се качи на третото место на Западот и пред него се само Голден стејт и Хјустон, со веќе осигуран пласман во плејофот.

 

НБА РЕЗУЛТАТИ

Индијана – Торонто 99-106

Атланта – Шарлот 117-129

Њујорк – Филаделфија 110-118

Хјустон – ЛА Клиперс 101-96

Мемфис – Чикаго 110-111

Сан Антонио – Њу Орлеанс 98-93

Денвер – Детроит 120-113

Јута – Феникс 116-88

Портланд – Кливленд 113-105