Изостана историја во Бостон, Мајами победи за финале со Денвер! (ВИДЕО)

Мајами хит е шампион на Источната конференција во НБА-лигата, откако синоќа славеше на гостувањето кај Бостон со 103-84, во седмиот натпревар од финалната серија.

Околу 20.000 гледачи во „ТД гарден“ очекуваа да проследат историја, нивните Селтикс да победат и да станат првиот тим во НБА, кој успеал да триумфира во една плејоф серија откако губел со 0-3, меѓутоа се случи една друга историја.

Мајами се пласира во големото финале и покрај тоа што во плејофот влезе како осмопласирана екипа на Истокот, со што стана прв таков случај во 21. век, а втор по Њујорк никс во 1999 година.

Епилогот на мечот го најави повредата на Џејсон Тејтум уште во првата акција, кога го истегна скочниот зглоб. Остана на теренот докрај, но повредата се чувствуваше. Мајами ја доби првата четвртина со плус седум, а во втората веќе имаше и плус 17 (38-21). Бостон повторно намали на седум разлика во третиот период, но само за момент, бидејќи предноста на гостите се врати во двоцифрена зона.

Џими Батлер, кој беше најефикасен на мечот, со 28 поени, ја доби наградата „Лери Бирд“, односно МВП на финалето во Источната конференција. Имаше голема помош во Кејлеб Мартин, кој запиша 26 коша и 10 скока, додека кај Бостон, најефикасен беше Џејлен Браун со 19 поени, а повредениот Тејтум постигна 14 плус 11 скока. Финалето Денвер - Мајами ќе почне ноќта четврток кон петок, во Колорадо, што значи Денвер ќе ја има предноста на домашен терен.