
Фудбалерите на Севиља „заробени“ од навивачите, полицијата пукаше за да ги спаси (ВИДЕО)
Инцидентот доведе до зголемена полициска интервенција, а ситуацијата речиси ескалираше во директен судир. Севиља повторно разочара, иако имаше играч повеќе на теренот, со што го претрпе шестиот пораз во последните осум натпревари – без ниту една победа во тој период. Овој резултат ја прелеа чашата на трпение кај навивачите. Прво, мал број фанови ги пречека играчите на аеродромот, но вистинскиот протест се случи пред тренинг-центарот, каде стотици револтирани навивачи буквално ги блокираа фудбалерите.
Тимот, предводен од тренерот Хоакин Капарос, пристигна под силна полициска придружба, но фудбалерите, меѓу кои и стрелецот на првиот гол во Виго, Немања Гудељ, не можеа да го напуштат комплексот со сопствени возила и останаа таму преку ноќ. Пред портите на тренинг-центарот, ситуацијата беше на раб на инцидент – полицијата мораше неколкупати да испука гумени куршуми во воздух за да ги смири демонстрантите. Неколку навивачи се обидоа и да ја прескокнат оградата, но безуспешно.
Тензиите доаѓаат во критичен момент за Севиља, која и понатаму математички не го обезбедила опстанокот во Ла Лига, само три кола пред крајот на сезоната. Следниот натпревар е директна пресметка за опстанок против Лас Палмас – тимот што има шест бодови помалку и е прв под цртата на табелата. По тој дуел, Севиља ја очекуваат два исклучително тешки меча – против Реал Мадрид и Виљареал – што ја прави ситуацијата уште поалармантна.
ФОТО: EPA PHOTO