
Македонија ја згази Литванија, одиме на осмо ЕП по ред!
Македонија ја оствари целта, ја победивме Литванија и го продолживме континуитетот на настапи на големите ракометни смотри.
Македонските ракометари одиграа фантастичен меч и лесно и убедливо го совладаа противникот кој пред натпреварот велеше дека во Скопје е дојден да победи.
Лошо го отворивме мечот, Литванија на стартот имаше серија од 4-0, но како одминуваше натпреварот нашите ракометари ја топеа позитивата на противникот и брзо го свртеа резултатот. На полувремето водевме со 13-11.
Брзо во вториот дел дојдовме до предност по која беше јасно дека Литванија нема што да бара, Македонија имаше гранитна одбрана, а бевме одлични и во нападот постојано полнејќи ја мрежата на противникот и зголемувајќи го водството. Конечниот резултат гласеше 26-17.
Мартин Томовски со десет одбрани повторно царуваше на нашиот гол, најефикасни беа Кузмановски и Серафимов со по пет голови.
За Македонија ова ќе биде осмо учество на Европско првенство по ред, вкупно деветто.