
Македонските ракометари од третиот барабан ќе ги чекаат ривалите на ЕП 2026!
Првенството ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка од 15 јануари до 1 февруари 2026 година, додека ждрепката за групите ќе се одржи во Хернинг (Данска) на 15 мај (четврток) во 19 часот по средноевропско време. Нашата селекција се најде во третиот по квалитет барабан, а домаќините заедно со актуелниот европски шампион Франција, автоматски обезбедија пласман. Останатите 20 селекции се квалификуваа преку напорниот квалификациски циклус.
Селекциите се распределени во четири барабани, според пласманот во квалификациите и резултатите од ЕП 2024.
Барабан 1: Франција, Данска, Шведска, Германија, Унгарија, Словенија.
Барабан 2: Португалија, Норвешка, Исланд, Хрватска, Шпанија, Фарски Острови.
Барабан 3: Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка, Полска, Македонија.
Барабан 4: Грузија, Србија, Швајцарија, Романија, Украина, Италија.
На ждрепката, која ќе биде полудиригирана, тимовите ќе бидат распределени во шест групи со по четири селекции за прелиминарната фаза. Дел од селекциите веќе се одредени како желба на организаторите и тоа Германија (група А) и Данска (група Б) ќе играат во Хернинг, Шведска (група Е) во Малме, Норвешка (група Ц) и Фарските Острови (група Д) во Осло, додека Исланд (група Ф) ќе игра во Кристијанштад.