Ветераните го носат Голден Стејт: Кари и Хорфорд ги уништија Клиперс (ВИДЕО)

Екипата на Голден Стејт Вориорс го продолжува патот во плејинот откако ноќеска како гостин го победи  Лос Анџелес Клиперс со 126-121.

Апсолутен херој на мечот беше ветеранот Стеф Кари кој потсети на деновите кога Вориорс беа шампиони и апсолутно најдобар тим во НБА. Не само затоа што натпреварот го заврши со 35 поени, туку и поради клучните кошеви во последната четвртина, особено тројката во последната минута за водство од 120-117. Кари не играше во февруари и март поради повреда на коленото, но се врати во финишот од сезоната и во плејинот покажа зошто е еден од најдобрите кошаркари на сите времиња.

Клиперс во последната четвртина водеа и со 13 разлика, но потоа се разигра Кари, а голема помош доби и од 40-годишниот Ал Хорфорд кој дотогаш имаше само два поена. Ветеранот погоди четири тројки за нешто повеќе од три минути, а последната од нив за конечен пресврт и водство од 117-115. Потоа погоди и Кари и за Клиперс тоа беше крај на надежите, но и на сезоната. Матуран, Гарланд и Ленард не беа доволни за победа на овој меч.

За Голден Стејт не е завршена работата бидејќи утре вечер го очекува уште еден тежок натпревар на гости кај Феникс. Ако успее да победи, оди на шампионот Оклахома која ќе биде апсолутен фаворит во серијата.

Филаделфија го победи Орландо со 109-97 и оди на Бостон во плејофот, додека тимот од Флорида против Шарлот ќе се бори за осмата позиција и серија против Детроит.