Откажаните трки во Формула 1 се враќаат во календарот!?
Со оглед на густиот распоред во вториот дел од сезоната, каде што се планирани дури 11 трки за 16 викенди по летната пауза, се чинеше дека откажаните трки нема да бидат одложени за подоцнежен датум. Сепак, во последните денови се појавија гласини дека се разгледува една трка од 2 до 4 октомври, помеѓу трките во Азербејџан и Сингапур, што се смета за најреална опција од логистички причини и една во финишот од сезоната.
Според порталот RacingNews365, Бахреин се појавува како прв кандидат за враќање во календарот, додека официјалните лица на Саудиска Арабија вршат притисок врз Формула 1 да ја одржи и трката во Џеда оваа сезона.
Доколку Гран При на Саудиска Арабија се врати во календарот, тоа речиси сигурно би било помеѓу трката во Катар и последната, во Абу Даби, што би го поместило крајот на шампионатот за една недела назад, на 11-13 декември. Пред тоа, има трка во Лас Вегас, што значи дека ќе има четири последователни тркачки викенди и исклучително напорен крај на сезоната за возачите и тимовите.
Исто така, според тековниот договор, финалето на сезоната мора да се одржи во Абу Даби, што ја исклучува можноста Саудиска Арабија да биде домаќин на финалната трка.
Исто така, постои финансиски притисок врз организаторите, при што RacingNews365 објави дека двете земји веќе ѝ платиле на Формула 1 вкупно околу 100 милиони фунти однапред за да бидат домаќини на двете трки, пред да се донесе одлуката за нивно откажување.
Не се очекува одлука пред средината на август, а доколку конфликтите на Блискиот Исток не се смират, трките во Катар и Абу Даби исто така би можеле да бидат откажани, што би значело дека Лас Вегас ќе ја преземе улогата на домаќин на финалето, а календарот би се скратил на 20 трки.