Барса за девет месеци, пет пати го победи Реал на три различни континенти

Сезоната за заборав на Реал завршува со уште еден пораз од Ел Класико кој за малку можеше да биде избегнат, но поради него, јасно е дека Барса ќе го врати пехарот во своите витрини.

Оваа натпреварувачка кампања, Барса и Реал одиграа четири официјални и еден пријателски меч и сите му припаднаа на каталонскиот тим. Интересно е тоа што сите пет се одиграа на различни терени, во различни натпреварувања и на три континенти.

За време на подготовките, Барса славеше со 2-1 во САД, во октомври го победи Реал на „Бернабе“ со 4-0 во лигашкото Ел Класико, во јануари славеше со 5-2 во финалето од Суперкупот во Саудиска Арабија, минатиот месец со 3-2 во Севиља, во финалето од Копа дел Реј и денеска на Монжуик, во второто Ел Класико во шпанското првенство.

Карло Анчелоти, кој летово ќе се прости со Реал, стана првиот тренер во историјата на мадридскиот клуб кој четири пати е поразен од еден ривал на официјални натпревари во текот на една сезона.