
Винисиус ќе го продолжи договорот – станува најплатен во Реал Мадрид!
Како што пренесува шпанскиот спортски весник „АС“, Бразилецот со ова ќе стане најплатен во клубот полн со ѕвезди и еден од најплатените играчи во светот, израмнувајќи се со најновото засилување на кралскиот клуб – Килијан Мбапе. Иако официјалното потпишување сè уште не е реализирано, сите детали се договорени, а потписот се очекува веднаш по завршувањето на сезоната во Ла Лига и пред почетокот на Клупското светско првенство.
Реал Мадрид го гледа Винисиус како недопирлив фудбалер околу кого ќе се гради иднината на тимот, заедно со Џуд Белингем и Мбапе. Интересно е што неговиот менаџер, Фредерико Пења, инсистирал на пократок договор, за да задржи поголема контрола врз кариерата на својот клиент. Затоа, новиот договор ќе го продолжи престојот на Винисиус само за три години, односно до 2030 година.
Со ова продолжување, Винисиус ќе заработува околу 20 милиони евра годишно – повеќе дури и од Мбапе, кој моментално прима околу 15 милиони евра по сезона. За споредба, последниот договор на Винисиус од 2022 година изнесуваше 75 милиони евра за пет години, или 15 милиони по сезона. Новата зделка вклучува и бонуси врзани за лични и екипни успеси. Од освојување трофеи до постигнување одреден број голови, Винисиус ќе има можност да заработи дополнителни пари. Највисоките бонуси се поврзани со индивидуални награди, како што се Златната топка и наградата „The Best“ – која оваа сезона му донесе дополнителни 2 милиони евра.
Брзилецот покажал голема лојалност кон клубот. И покрај понудата од дури 1 милијарда евра за пет години од клубови од Саудиска Арабија, тој воопшто не ја разгледал опцијата за заминување. Од друга страна, Реал Мадрид никогаш не помислил да се откаже од него.