
Претстои Ел Класико: Реал мора да ја спасува сезоната во Каталонија
Барселона го пречекува Реал Мадрид во мечот кој може да ја реши борбата за шампионската титула во Ла Лига бидејќи во случај на триумф, каталонскиот тим ќе има седум бода предност, на три кола пред крајот. Мисијата на Реал е неверојатно тешка, ако се знае дека оваа сезона доживеа три порази од Барселона во три различни натпреварувања: Ла Лига, Суперкупот на Шпанија и Копа дел Реј и притоа прими дури 12 гола.
Дополнителен проблем е тоа што речиси цела одбрана е повредена, не играат ни главните стопери, ни главните бекови, па Анчелоти повторно ќе мора да експериментира во тој дел од тимот. На другата страна, кај Барселона се враќаат Левандовски и Балде, но според последните информации, тие нема да се најдат во почетната постава.
Единствената работа што му оди во прилог на Реал е психолошкиот моменти бидејќи Барселона оваа недела доживеа брутална елиминација од Лигата на шампионите, од Интер. Тој (дво)меч ги изнесе на виделина сите слабости на каталонскиот тим кои Реал би можел да ги искористи, но прашање е дали поседува таков квалитет и широчина во составот како Интер.
За Барселона е најважно тоа што Реал мора да оди на победа на овој натпревар бидејќи нерешен резултат, на три кола пред крајот не му одговара на мадридскиот клуб. Поради тоа фудбалерите на Анчелоти ќе мораат да нападнат со сите сили, а таквиот развој на настаните би отворил многу простор за Барселона која се покажа пеколна од контранапади. Впечаток е дека Реал има нешто полесен распоред во последните три меча, со два натпревара на домашен терен, но ако остане четири разлика, Барса повторно ќе биде во добитна позиција. Со оглед на тоа што веќе испадна од сите натпреварувања, ова е последна можност за мадридскиот тим да освои трофеј во 2025 година и со тоа да ја спаси оваа сезона.