Индијана вторпат по ред „грицна од јаболкото“ - Њујорк пред елиминација (ВИДЕО)

Кошаркарите на Индијана Пејсерс направија голем исчекор кон пласман во финалето на НБА лигата, откако синоќа и вторпат како гости го совладаа Њујорк (114-109) во завршната серија од Источната конференција.

„Никси“ против себе сега ја имаат и историјата со оглед што ниту еден тим досега не успеал да се врати по стартен дефицит од 0-2 во финале на конференција, особено кога првите два меча ги загубил на домашен терен. За разлика од првиот натпревар, каде што Пејсерс мораа да се вратат од голем дефицит за победа во продолжение, овојпат борбата беше неизвесна до самиот крај. Иако влегоа со плус 10 на нешто помалку од три минути до крајот, гостите дозволија домашните да се доближат на само еден поен разлика (110-109). Сепак, Арон Несмит погоди две слободни фрлања, а по неуспешниот обид на Џејлен Брансон за тројка, Мајлс Тарнер со уште четири поени го запечати триумфот.

Најзаслужен за победата беше Паскал Сиакам со импресивни 39 поени (шут 15/23), на кои додаде пет скока и три асистенции. Тарнер реализираше 16 поени, а Тајрис Халибартон беше на работ на трипл-дабл со 14 поени, 11 асистенции и осум скока. Кај Њујорк, Брансон блескаше со 36 поени и 11 асистенции, а значаен придонес дадоа и Бриџис и Таунс со по 20 поени и по седум скока.

Серијата продолжува в недела, кога третата пресметка ќе се одигра во Индијанаполис, пред домашната публика на Пејсерс.

ФОТО: X / @Pacers