Европски кошаркар избран на драфтот во НБА – првпат по 2006 година!

Италијанскиот кошаркар, Паоло Банкеро, кој изминативе години настапуваше за престижниот американски колеџ Дјук, неочекувано беше избран како прв пик на драфтот во НБА и тоа од екипата на Орландо меџик.

Ова е сфатено како голема сензација во американските кошаркарски кругови, со оглед што сите очекуваа „магичните“ да се решат за Џабари Смит, кој и самиот беше шокиран што не беше избран како прв. Италијанецот е прв кошаркар кој игра за друга селекција освен САД што е избран како топ-пик на драфтот по неговиот сонародник Андреа Барњани во 2006 година.

„Дури кога комесарот Силвер излезе на сцена, на 20 секунди пред да го каже името, дознав дека сум јас. Едноставно се случи, немав време да размислам како да реагирам. Не ми се веруваше. Подготвен сум за НБА и за притисокот“, изјави Банкеро кој во минатата сезона во НЦАА имаше просек од 17,2 поени, 7,8 скока и 3,2 асистенции по меч.

Банкеро е роден во Сиетл, но има италијанско потекло и избра да игра за репрезентацијата на Италија. Втор пик е Чет Холмгрен (висок е 213, а има само 86 килограми) од Гонзага, кој беше избран од Оклахлма сити тандер, а трети е Смит од Обурн универзитетот, кој беше избран од Хјустон рокетс.

Единствениот кошаркар кој во НБА ќе дојде до европска екипа, Србинот Никола Јовиќ од Мега баскет, беше избран од Мајами хит и тоа како 27. избор на драфтот.