Шкендија Арачиново е хит на првенството - стигна до третото место на табелата (ФОТО)

Дебитантот во Првата македонска фудбалска лига Шкендија Арачиново е најпријатното изненадување оваа сезона.

По седум одиграни кола, клубот се најде на третата позиција на табелата откако денеска славеше во дуелот со Скопје на Чаир со 1-0. Со овие три бода, арачиновци веќе имаат 13 бода, еден помалку од второпласираната Струга и три од лидерот Шкендија Тетово. Интересно е тоа што Шкендија Арачиново е една од најнеефикасните екипи во првенството, со само шест постигнати голови, но и тие се доволни за историскиот пласман на клубот.

Победата на Шкендија на денешниот натпревар е апсолутно заслужена ако се знае дека домаќините беа далеку подобри во текот на сите 90 минути. Да не беше голманот Кристијан Наумовски, веројатно победникот ќе беше решен многу порано, вака на голот за триумф се чекаше со 87. минута кога Дашмир Елези најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и ја затресе мрежата на Скопје. На спротивната страна голема шанса имаше Омар Беровиќ, но Столевски добро реагираше и спречи гол за гостинскиот тим.

Интересно е тоа што Шкендија Арачиново е единствениот тим што оствари победа во седмото коло од Првата лига. Сите останати четири натпревари завршија нерешено, три со 2-2 и еден со 3-3. Во следното коло Шкендија му гостува на Вардар, а Скопје оди во Штип, на дуел со Брегалница.