Шпанците имаат уште еден адут за Златната топка: Никој не освои повеќе трофеи од мене

Трката за „Златната топка“ за 2026 година полека се вжештува, а во неа сериозно се вклучува и шпанскиот репрезентативец Фабијан Руиз.

Играчот за врска зад себе има година од соништата. Со ПСЖ ја освои Лигата на шампионите и француското првенство, а со Шпанија стигна до светската титула. Токму поради тоа, неговото име се најде меѓу кандидатите за најпрестижната индивидуална награда во светскиот фудбал.

Во интервју за „Л'Екип“ и „Франс Фудбал“, Руиз беше директно прашан каде се гледа во трката за „Златната топка“. Шпанецот не сакаше да се прогласи за фаворит, но сепак испрати јасна порака.

„Тоа ќе го одлучат гласачите. За мене најважно е да бидам на располагање на тимот и да се трудам да бидам меѓу најдобрите. Минатата година имав среќа што бев меѓу 30-те номинирани и се надевам дека оваа година ќе завршам што е можно повисоко“, порача Руиз.

Сепак, кога беше прашан дали смета дека некој имал подобра сезона од него, шпанскиот репрезентативец беше многу поконкретен.

„Зависи. Кога станува збор за трофеите – не. Индивидуално, има одлични играчи кои имаа фантастични сезони и нивниот квалитет е неспорен. Има многу кандидати, но никој не освои повеќе трофеи од мене“, изјави тој.

Руиз сепак има и еден аргумент против себе – во текот на сезоната пропушти околу три месеци поради повреда на коленото. Тој не смета дека тоа треба да има пресудно влијание врз гласањето.

„Не мислам дека моето отсуство ќе влијае врз одлуката. Бев надвор три месеци, што бараше многу жртва, но играв и бев важен во клучните моменти, како за клубот, така и за репрезентацијата. За среќа, ја имав довербата од тренерот и придонесов за успехот на двата тима“, додаде Руиз.

Шпанецот минатата година заврши на 24. место во изборот за „Златната топка“, но по сезоната во која освои најголем дел од најважните трофеи, сега има многу посериозни аргументи за значително повисок пласман.