УЕФА подготвува револуција: Лигата на нации и квалификациите ќе се играат по системот на ЛШ

Европскиот репрезентативен фудбал наскоро би можел да добие голема промена бидејќи УЕФА подготвува нов формат за натпреварувањата на националните селекции.

Европската фудбалска централа ќе го примени моделот што веќе успешно функционира во Лигата на шампионите, со цел квалификациите и Лигата на нации да станат поинтересни и поконкурентни.

Новата структура ќе вклучува 36 најдоброрангирани европски репрезентации, кои ќе бидат распоредени во групи според рангирањето. Наместо класичен систем со групи во кој сите селекции играат меѓусебно, ќе се користи „швајцарскиот“ модел. Секоја репрезентација ќе одигра шест натпревари, по три на домашен и гостински терен, против противници од различни нивоа. На тој начин УЕФА сака да обезбеди повеќе атрактивни дуели и поголема неизвесност до самиот крај.

Токму овој систем веќе се користи во новиот формат на Лигата на шампионите, каде што сите екипи се наоѓаат на една заедничка табела, а пласманот се одредува според освоените бодови и гол-разликата. Од УЕФА сметаат дека актуелните квалификациски циклуси се премногу предвидливи и не нудат доволно атрактивни натпревари, особено од комерцијален аспект. Новиот модел треба да донесе повеќе директни пресметки меѓу силните европски репрезентации, а со тоа и поголем интерес кај телевизиите и навивачите.

Промени ќе има и во календарот. На крајот на месецов за првпат ќе биде применет двоен репрезентативен термин, во кој селекциите ќе одиграат четири натпревари во два викенда, наместо досегашните два меча во една репрезентативна пауза. УЕФА во целиот процес гледа можност дополнително да ја зајакне својата позиција во европскиот фудбал, особено во период кога трае борбата за влијание со ФИФА.