Чудесните Јанис и Дурент постигнаа скоро сто поени, Дончиќ поразен и – исклучен (ВИДЕО)

Феноменална партија беше видена во синоќешната пресметка помеѓу Милвоки баклс и Бруклин нетс (117-114) во која „елените“ дојдоа до третиот триумф во последните четири меча, благодарение на неверојатниот Јанис Антетокумпо, кој средбата ја заврши со 49 поени, осум скока, четири асистенции и три блокади.

Тоа беше чудесна индивидуална пресметка на „Ѕверот од Грција“ и Кевин Дурент, кој исто така беше незапирлив со 42 поени и десет скокови. Антетокумпо имаше голема помош од Крис Мидлтон, кој имаше учинок од 26 поени и 11 скокови. Триумфот на Милвоки направи хаос на врвот од Источната конференција со оглед што овој тим сега има скор 40-24, додека „мрежичките“ имаат 43-22, а лидерот Филаделфија севентусиксерс 43-21. Нетси повторно играа без Џејмс Харден, кој го пропушти и 14. меч по ред поради повреда на тетивата.

Кошаркарите на Сакраменто кингс годинава се „пеницилин“ за Далас маверикс, откако ноќеска дојдоа и третата по ред победа во меѓусебните дуели со 111-99. Ова е вторпат во последните три сезони „телињата“ да ги загубат сите средби во пресметките со „кралевите“. Бади Хилд беше најдобар кај Сакраменто, додека Лука Дончиќ најпрецизен кај Далас, со напомена дека беше исклучен во последната минута поради втора техничка грешка. Тој сега има дури 15 вакви казни сезонава, поради што следната што ќе ја добие ќе значи и автоматска суспензија на еден натпревар.

Најдраматично ноќеска во НБА беше во Тексас, каде што Филаделфија, најдобриот тим на Истокот, дури по продолжение го скрши отпорот на Сан Антонио спарс (113-111), со кошот на Бен Симонс во последните моменти од мечот.

РЕЗУЛТАТИ: Милвоки-Бруклин 117-114, Бостон-Портланд 119-129, Шарлот-Мајами 111-121, Далас-Сакраменто 99-111, Хјустон-Њујорк 97-122, Оклахома-Феникс 120-123, С. Антонио-Филаделфија 111-113, ЛА Лејкерс-Торонто 114-121.