Шортс го потопи Реал среде Мадрид и му ја затна устата на Атаман
ПАО славеше како гостин со 87-77, а прво име во грчкиот тим беше плејмејкерот кој последните недели доби низа критики од својот тренер Ергин Атаман, па и од сопственикот на клубот Димитрис Јанакопулос. И во вторникот беше солиден на гостувањето кај Париз, но денеска ја презеде лидерската улога и тотално го потопи Реал кој има многу проблеми во почетната фаза од новата сезона.
За речиси 33 минути на теренот, Шортс постигна 19 поени, шест асистенции и четири скока и тотално ја засени првата ѕвезда на Панатинаиос, Кендрик Нан кој остана на само осум поени. Со сето тоа, македонскиот репрезентативец оствари индекс 24, убедливо највисок во својот тим и втор на мечот, зад Таварес кој имаше 30.
Важна победа во ова коло оствари Црвена Звезда која без неколку битни кошаркари го победи Монако со 91-79 и го задржа чекорот со лидерот на евролигашката табела Хапоел Тел Авив. Двете екипи сега имаат биланс 8/3, а утре ќе можат да им се придружат Жалгирис и Олимпијакос кои ќе ги одиграат своите натпревари од 11. коло.
РЕЗУЛТАТИ
Црвена Звезда - Монако 91-79
Фенербахче - Хапоел 74-68
Париз - Валенсија 90-86
Реал - Панатинаикос 77-87
Макаби - Басконија 89-83
фото: EPA photo