Англија ги избриша Србите, Албанија ќе игра бараж за Мундијалот (ВИДЕО)

Вељко Пауновиќ имаше неуспешно деби на селекторската позиција во српската репрезентација откако вечерва „орлите“ загубија на гости кај Англија со 0-2.

Со тоа, Србите ги загубија и минималните шанси за пласман во баражот за Светското првенство преку квалификациите и остануваат исто така со теоретски шанси да се изборат за дополнителни квалификации, но преку Лигата на нации иако тоа е премногу тешко остварливо. Англија, од друга страна, ја продолжи серијата без примен гол во овие квалификации и може полека да се подготвува за настапот на Мундијалот.

 

 

Вечерва Англичаните играа колку што им беше потребно, без да се изложат на ризик од евентуални повреди. На српската репрезентација ѝ беше потребно многу време за да се отвори, а дотогаш Букајо Сака веќе го отвори резултатот. Се чинеше дека мечот ќе заврши со еден гол кога во последните моменти од основниот дел Езе ги постави конечните 2-0.

Откако доби услуга од Англија, репрезентацијата на Албанија ја заврши својата задача, ја совлада Андора со 1-0 и обезбеди пласман во баражот за Светското првенство. Единствениот гол го постигна Аслани во 67. минута, а Албанците наскоро ќе дознаат и против кого ќе се сретнат во плејофот.

 

 

Од останатите натпревари што се играа вечерва, Ирска ја совлада Португалија со 2-0 и ја спречи денеска да го прослави пласманот на Мундијалот, а Италија славеше со истиот резултат на гости кај Молдавија, но треба да ја победи Норвешка со 9-0 во последното коло за да обезбеди директно учество на Светското првенство.

РЕЗУЛТАТИ
Андора - Албанија 0-1
Англија - Србија 2-0
Франција - Украина 4-0
Ирска - Португалија 2-0
Молдавија - Италија 0-2

фото: EPA photo