ПАО изгуби, Олимпијакос победи – грчките гиганти на чело на табелата во Евролига
Панатинаикос беше поразен во Истанбул со 68-83, во натпревар во кој домашниот состав имаше контрола над резултатот во најголемиот дел од средбата. Ефес на полувремето замина со предност од 45-37, а пред последната четвртина водеше со 61-51.
Гостите се обидоа да се вратат во игра и со серија од 7-0 во воведот на последниот период ја намалија негативата на само три поени (58-61). Подоцна Панатинаикос стигна и до 65-66, но тогаш следуваше решавачкиот одговор на турскиот тим. Ефес направи серија од 14-0 и ја запечати победата.
Кендрик Нан беше најефикасен кај Панатинаикос со 17 поени, додека кај победникот Колин Малком и Бруно Фернандо постигнаа по 15, а Камерон Пејн додаде 14 поени.
За разлика од градскиот ривал, Олимпијакос имаше успешна вечер. Пирејците на домашен терен го совладаа Армани Милано со 84-78, предводени од Коди Милер-Мекинтајер и Саша Везенков.
Милер-Мекинтајер одигра одличен натпревар со 24 поени, три скока и четири асистенции, додека Везенков заврши со 23 поени и четири скока. Тајсон Ворд придонесе со 14 поени. Кај италијанскиот тим, Ри Џеј Кол постигна 17, а Мозес Рајт 16 поени.
Сега двата грчки великани имаат идентичен биланс од седум победи и два пораза (7/2) и се наоѓаат на самиот врв на табелата во Евролигата. Панатинаикос го задржа местото меѓу лидерите и покрај поразот, додека Олимпијакос со триумфот над Милано му се приклучи на градскиот ривал.
РЕЗУЛТАТИ
Дубаи – Хапоел Тел Авив 97-83
Анадолу Ефес – Панатинаикос 83-68
Жалгирис – Партизан 87-80
Олимпијакос – Армани Милано 84-78
Барселона – Валенсија 98-94
Асвел - Басконија 94-79
Виртус - Бешикташ 101-103