Обрадовиќ: Сѐ се договоривме, а потоа Хезоња ни дава тројка од автомобил

Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ беше полн со пофалби на сметка на хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња за неговиот настап на синоќешниот натпревар во Белград.

Играчот на Реал одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава, постигна 25 поени, а не му пречеа ниту над 20 илјади домашни навивачи кои на крајот го испратија со аплауз за неговиот перформанс.

„Во третата четвртина Реал ја направи разликата и, се разбира, Хезоња одигра натпревар како што одигра. Се подготвувавме за мечот, се договоривме дека е тој шутер, дека покрај него никако не смеат да се спуштаат раце, а потоа тој погодува тројка од девет метри, погодува од автомобил, практично од одбрана погодува тројка. И сите наши играчи со спуштени раце покрај него, офанзивни скокови доаѓаат од кошаркари од втор план и кога ќе се собере тоа, јасно е какво искуство има Реал“, рече, меѓу другото, Обрадовиќ.

На Партизан му остануваат уште три кола да се пласира во плејинот, а ако потоа дојде до плејофот, ќе игра против Реал во првата рунда.