Нов европски пораз на Карпош Соколи: Унгарски Солнок направи гулаш од „соколите“!
„Соколите“ добро го почнаа мечот, го контролираа ритамот што им донесе водство на крајот од првиот период (26-21). Но, тоа како да ги налути гостите, кои втората четвртина ја почнаа со серија 14-0 за убедливо водство (35-26), кое само го зголемуваа до крајот на средбата. Токму овој дел од средбата се покажа клучен за крајниот исход со оглед што унгарците го добија со 16 поени разлика (24-8).
Избраниците на тренерот Ангел Тасевски, сепак, не се предадоа така лесно, запнаа во последниот период во кој успеаја да намалат и на само седум поени негатива (66-73). Но, следуваа девет поени во низа на унгарскиот тим за ново двоцифрено водство на 150 секунди до крајот, што се покажа како доволно за освојување на бодовите.
Жарко Чомагиќ со 17 поени и шест скока беше најагилен во составот од Карпош, Драган Лабовиќ постигна 15 поени додека Тадеус Мекфејден застана на 14 поени.
Следниот меч од ова натпреварување за Карпош Соколи е за една недела во Русија против Нижни Новгород.