На Барселона ѝ преседна балканската турнеја

Во период од два дена, Барселона доживеа два тешки порази во Евролигата, во дуели со екипи од Балканот.

Во средата загуби од Фенербахче во Истанбул, а денеска од Панатинаикос во Атина, во меч кој имаше две различни полувремиња. Во првите 20 минути Барса доминираше за вторите да ги загуби со 30-55, па ПАО славеше со 89-81 со што се израмни со шпанскиот шампион на второто место на табелата. Единствената добра работа за Барса од овој натпревар е тоа што успеа да се избори за пораз од 8 разлика со повеќе постигнати поени на гостински терен, па во случај на ист биланс на крајот од сезоната, ќе биде пред својот денешен ривал. Сепак, за тоа се прашува и Монако кој денеска ја победи Валенсија и има ист ефект како Панатинаикос и Барселона - 20/11.

Нан, Митоглу и Слукас беа незадржливи за екипата на Барселона. Првиот беше најефикасен на мечот со 22 поена, вториот оствари дабл-дабл со 19 поени и 10 скока, а третиот постигна 18 поени, 8 асистенции и 4 скока. Вили Ернангомез ја предводеше Барселона со 13 поени.

Олимпија Милано го победи Фенербахче со 77-76 и максимално ја замрси ситуацијата и во борбата за десеттото место и во борбата за плејофот. Сега италијанскиот тим има 14/17, како и Анадолу Ефес, Валенсија и Партизан и последните три кола ќе одлучуваат кој ќе го освои десеттото место. Фенербахче, пак, ја прекина серијата од четири победи и му дозволи на Макаби да се доближи на само еден триумф негатива.

РЕЗУЛТАТИ
Црвена Звезда - Виртус 94-79
Монако - Валенсија 79-78
Панатинаикос - Барселона 89-81
Баерн - Макаби 74-89
Олимпија Милано - Фенербахче 77-76