Марковски отпуштен зашто не дозволил синот на газдата да ги игра сите 40 минути!?

Легендарниот македонски тренер, Заре Марковски, пред неколку дена доби отказ од италијанскиот прволигаш Пистоја, а медиумите во Италија наведуваат дека причината за разделбата е непримерното инсистирање на сопственикот на клубот, Рон Роуен.

Тој барал неговиот син Маверик да игра по 40 минути на секој натпревар, освен ако не добие пет лични грешки. Според извештаите, на последните шест натпревари минутажата на младиот Роуен варирала меѓу 32 и 38 минути, со исклучок на мечот против Скафати, кој се играше продолженија, каде одиграл дури 45 минути. Посебно внимание предизвикува последниот меч против Тортона, каде што Роуен имал „само“ 32 минути. Три дена подоцна, клубот објави дека Марковски е разрешен.

Иако Пистоја ги загуби сите шест натпревари во тој период, поразите биле минимални, со разлика од два до шест поени. На местото на Марковски, клубот го назначи словенечкиот тренер Гашпер Окорн, кој ќе треба да се справи со истите предизвици и притисоци од управата.