Клуб од Емиратите сака да игра во – Евролигата?!

Клуб од Обединетите Арапски Емирати сака да влезе во најквалитетната европска кошаркарска лига Евролигата, објави грчкиот портал „СДНА“, посочувајќи дека првите контакти и првата рунда на разговори била одржана во Белград за време на фајнлфорот.

Според информациите од Грција, клубот кој не е именуван сака да игра во Дубаи, а парите за шеиците од оваа арапска земја не би биле никаков проблем, ни за создавање на силен тим, ниту за сите услови и организацискиот дел за да учествуваат во најквалитетната европска лига.

„Дубаи сака да биде дел од Евролигата и работи на сѐ за да ги убеди челниците и акционерите да ја прифатат нивната понуда. Парите не се проблем. Тие веќе беа во Белград, запознаени се со системот, имаа прва рунда разговори. Дури имаат предлог следните три години, фајнлфорот да се игра во Дубаи, во салата која има капацитет од 17.000 гледачи“, пишува грчкиот портал.

Според најавите за две недели би требало да има состанок, а евролигашките клубови се заинтересирани за вакво нешто, а дури шеиците ветиле и „финансиска инјекција“ за Евролигата. Инаку ОАЕ веќе има соработка и со НБА, па во Абу Даби ќе се играат мечеви на Милвоки и Атланта.