Јасикевичиус ѝ се одмазди на Барса: Каталонците „изгореа“ во пеколот во Истанбул!

Кошаркарите на Фенербахче дојдоа до исклучително важна победа во борбата за што подобар пласман пред плејофот во Евролигата, откако на домашен терен буквално ја прегазија второпласираната Барселона (88-74).

Ова беше своевидна одмазда на тренерот на турскиот тим, Шарунас Јасикевичиус, против клубот кој релативно неочекувано реши да го отпушти минатото лето. Ова е негова прва победа во пресметките со каталонскиот гигант, а што воодушевува е играта на неговиот состав во првото полувреме, во кое во еден момент имаше водство со плус 25 поени (40-15). Гостите се вратија во игра во третиот период, кој го добија со 32-16, но екипата од Истанбул блесна во последната четвртина во која повторно дојде до двоцифрена разлика, која ја одржа до самиот крај.

Вилбекин со 18 и Калатес и Гудуриќ со по 13 поени беа најпрецизни кај домашниот тим, додека Бризуела со 18 поени беше најефикасен кај гостите. Екипата на Милано, пак, направи огромно изненадување и како гостин го совлада фаворизираниот тим на Монако (98-80). Фенер сега има скор 19-11 и дојде до мал чекор до Барселона, која има учинок 20-10. На идентичен учинок како и Турците „падна“ и тимот од Монте Карло.