Јанис блескаше, Грција го испрати дома европскиот шампион

Европа ќе добие нов кошаркарски шампион откако шпанската репрезентација денеска официјално е елиминирана уште во групната фаза од првенството.

„Фуријата“ го загуби загуби клучниот меч со Грција со 86-90, но елиминацијата не се должи само на денешниот пораз, туку многу повеќе на оној од Грузија во првото коло. Подмладената селекција на Шпанија даде се од себе вечерва, губеше со 16 разлика, но успеа да се врати во игра, имаше шанса за пресврт и победа што ќе ја оставеше на првенството, но не издржа до крајот. Грците денескка одлично го почнаа натпреварот, првата четвртина ја добија со 31-20, а во неа погодија седум тројки од осум шута. До полувреме веќе беше +15 за грчката репрезентација и се чинеше дека се е готово на овој меч, а со тоа е решена и судбината на Шпанците. 

Standings provided by Sofascore

Европскиот шампион почна да се враќа во третиот период, а во последниот и го презеде водството во неколку наврати. Резултат даде големата пожртвуваност, не одеше шутот, но Шпанците фатија голем број офанзивни скокови кои им донесоа поени и на средина од последната четвртина го комплетираа пресвртот. Сето тоа падна во вода поради очајното изведување на слободни фрлања, репрезентацијата на Шпанија промаши дури 16 „пенали“ (21/37), а на ваков меч и со ваков ривал тоа е премногу.

Јанис Адетокунбо за малку не стигна до трипл дабл, постигнувајќи 25 поени, 13 скока и 9 асистенции, но се истакна и Тајлер Дорси кој постигна 22 поена со шест тројки од девет обиди. Хаиме Прадиља со 14 поени ги предводеше Шпанците кои првпат во историјата се елиминирани во групна фаза на Европско првенство.