
Ридигер понижен, Германија на колена во Братислава (ВИДЕО)
Домаќините максимално ги искористија своите шанси и покрај тоа што фаворитот ја имаше иницијативата. Ханчко во 42. минута го отвори резултатот, а особено атрактивен беше голот на Стрелец во 55. минута откако прво го измеша стоперот на Реал, Антонио Ридигер, а потоа го погоди горниот агол од голот Бауман.
Германците имаат релативно лесна група во која се уште Северна Ирска и Луксембург, но денешниот дебакл во Братислава може да е најава за тешки денови на оваа репрезентација.
За разлика од нив, европскиот шампион Шпанија рутински излезе на крај против Бугарија во Софија, славејќи со 3-0. Целата работа беше завршена по само 38 минути игра, период во кој беа постигнати сите три гола.
Отвори Ојарзабал, на 2-0 зголеми Кукуреља со прекрасен удар, а конечниот резултат го постави Мерино на асистенција на Јамал. Убедливото водство им овозможи на Шпанците да го намалат темпото во второто полувреме и мирно да го приведат натпреварот кон крајот.