Гробари ќе мора да навиваат за Ц. Звезда ако сакаат Партизан да игра во плејинот!?

Партизан синоќа загуби добиен меч против Олимпијакос, ужасната последна четвртина ги чинеше пораз по кој веќе не одлучуваат сами за место во плеј-ин, a постојат шанси во последното коло да се најдат во една чудна ситуација кога Црвена звезда би одлучувала за нивната иднина. 

Добрата вест за Партизан е дека и покрај поразот уште имаат шанси да се пласираат меѓу најдобрите 10 во Евролигата, но сега работите не зависат само од нив.

Партизан во моментов е на 13. место на табелата со 14 победи и 18 порази, идентичен учинок имаат и Армани, Жалгирис и Валенсија. Посакуваното 10. место во моментов го држи Анадолу Ефес кој има победа повеќе и пораз помалку од Партизан и останатите набројани клубови.

Добра вест за Партизан е и тоа што има позитивен скор со повеќето од ривалите, а има и полесен распоред во последните две гола. Црно-белите гостуваат кај последнопласираниот Алба Берлин и ја дочекуваат Валенсија, еден од конкурентите за плеј-ин.

Партизан мора да победи и на двата меча, а притоа да чека пораз на Ефес. Турскиот тим во следното коло му гостува на ривалот Фенербахче на кој исто така му е потребна победа за што подобра позиција и евентуална предност на домашен терен во плеј-офот.

Ако Ефес направи чудо и го добие Фенербахче, Партизан во последното коло ќе треба да навива за Црвена звезда. Регуларниот дел од сезоната турскиот тим го затвора на свој терен против црвено-белите.

Црвена звезда одамна ги загуби сите шанси, па без мотив би заминала на дуелот кај Ефес, но токму тој дуел може да биде пресуден за Партизан. Сепак, многу поверојатно е Фенербахче да им ја заврши работата на црно-белите.

Што се однесува до останатите конкуренти за плеј-ин, Армани во следното коло го пречекува Виртус, а му гостува на Макаби во Белград.

Жалгирис гостува на Монако, па го пречекува Реал Мадрид, додека Баерн го пречекува Панатенаикос, а гостува кај Монако.

Тимот од Минхен има победа помалку и пораз повеќе од Партизан, но за разлика од останатите конкуренти, тие се единствените кои имаат подобар меѓусебен учинок со тимот на Обрадовиќ.