
Европа има нов кошаркарски владетел: Фенербахче е шампион!
Вториот трофеј, тимот од Истанбул го чекаше од 2017 година, а го освои во сезона во која малкумина го гледаа на врвот затоа што во преден план беа Реал Мадрид, Олимпијакос и Панатинаикос. Вечерва Фенербахче го диктираше темпото почнувајќи од втората четвртина, прпотивникот имаше свои шанси, но не ги искористи.
Монако одлично почна, водеше со 13-4 на средина од првиот квартал, но до крајот на тој период, Фенер успеа да се доближи на само два поена негатива (18-20). Францускиот првак остана во водство до финишот од полувремето кога Фенер постигна осум поени по ред за водство од 38-33, Монако нешто подоцна направи пресврт и поведе во два наврата, но во последниот период веќе немаше враќање за Монако.
Одлучи серијата од 11-0 по која Фенер отиде на 62-51, Монако подоцна се доближи на шест разлика, но не и да ја загрози победата на турскиот тим кој сега се израмни со градскиот ривал Анадолу Ефес со по два трофеја во Евролигата.
Најџел Хејс Дејвис со 23 поени и 9 скока беше најдобар играч на Фенербахче и заслужено беше прогласен за МВП на завршниот турнир, Гудуриќ постигна 19, вклучувајќи тројка во финишот од мечот, а Болдвин и Хол по 13. Диало беше најефикасен кај Монако со 19 поени.
фото: EPA photo