Лука Дончиќ „откри“ кој ќе ја освои титулата во Евролигата!

Еден од најдобрите светски кошаркари во моментов, Лука Дончиќ, кој настапува за Далас Маверикс, ја објави својата прогноза за тоа кој ќе се пласира на фајналфор-турнирот во Евролигата во Берлин.

Словенецот веќе шест години игра во НБА лигата, но тоа не го спречува редовно да ги следи случувањата во европската клупска елита. Тој неодамна изјави дека повеќе ја следи Евролигата отколку НБА, а сега на официјалниот твитер-профил на ова натпреварување беше објавена неговата прогноза.

„Мојата прогноза за фајналфорот е следна - Реал Мадрид, Олимпијакос, Фенербахче и Панатинаикос“, напиша Лука Дончиќ, за на крајот додаде дека неговиот поранешен тим од шпанската престолнина повторно ќе го освои највредниот трофеј на европската клупска кошарка.

Завршниот турнир во Евролигата ќе се одржи во главниот град на Германија, а ќе се игра од 24 до 26 мај.