Кошаркарите на Работнички и на МЗТ Скопје остварија убедливи победи во синоќешните пријателски средби против Вардар (102-71) односно Фени индустри (86-59), покажувајќи сила во дуелите со условно послабите и најавувајќи уште една неизвесна пресметка за титулата.

Црвено-белите од „Градски парк“ немаа проблеми против вардарци иако настапија без Ѓорѓи Чековски и Виктор Ефремовски. Шанса добија помладите, но и репрезентативците кои дваесетина дена не тренираа со своите соиграчи. Аеродромци, пак, во својот прв меч во комплетен состав по подолго време без мака ја решија кавадаречката енигма и тоа без помошта на полесно повредениот Дарко Соколов. Лестер Медфорд со 16 поени беше најпрецизен кај сино-белите, Иве Иванов и Андрија Бојиќ реализираа по 13, а Дамјан Стојановски 10 поени.

Домашното првенство почнува за две недели, а титулата ја брани Работнички, кој во плејоф-финалето беше подобар токму од МЗТ Скопје, кој летово сериозно се засили и најави враќање на шампионскиот пехар во просториите во „Јане Сандански“.