Уште еден фаворит падна во Чаир, МЗТ ја доби драмата со ТФТ

По Работнички во третото коло, Чаир победи уште еден кандидат за највисок пласман во Првата македонската кошаркарска лига.

Во салата „Шабан Трстена“ падна актуелниот вицешампион Пелистер кого Чаир го победи со 87-80, потврдувајќи со тоа дека досегашните резултати не се случајност. Чаирчани во ниеден момент не беа во негатива, а имаа предност и од 18 разлика во дуелот со тимот кој до ова коло ја имаше најдолгата победничка серија во лигата,

По оние 33-15 на почетокот од втората четвртина, најмногу што успеа да намали Пелистер беше на пет разлика, на нешто повеќе од четири минути пред крајот на мечот. Чаир на тоа одговори со серија од 10-0 и ги реши дилемите околу победникот.

Уште подраматично беше во Кале, каде МЗТ Скопје славеше во дербито со ТФТ со 68-63. Ниедна од екипите не направи повисока предност од седум разлика, МЗТ во вториот период водеше со 28-21, но победникот се решаваше во последните секунди. ТФТ ја пропушти својата шанса на стартот од последниот период кога водеше со 57-53, потоа не искористи неколку напади и искусниот тим на МЗТ го искористи тоа за петта победа во низа.

По ова коло, МЗТ Скопје остана на првата позиција на табелата, а со оглед на тоа што порази претрпеа Еуро Никел, ТФТ и Пелистер, на второто место осамен е Чаир со една победа помалку..