Антони пред подвиг кој не го направил никој пред него во историјата!

Бразилскиот репрезентативец Антони би можел да испише нови блескави страници во историјата на фудбалот на крајот од овој месец.

Тој може да стане првиот фудбалер кој во една сезона освоил трофеи во две натпреварувања на УЕФА. Тоа ќе се случи ако Манчестер Јунајтед триумфира во Лигата Европа, а Бетис во Конференциската лига бидејќи двете екипи обезбедија пласман во финалните натпревари.

Првиот дел од сезоната Антони го помина во Јунајтед со кого одигра доволен број натпревари за да се смета за член на тимот што ја освоил титулата ако „ѓаволите“ го победат Тотнем. Во јануари беше испратен на позајмица во Бетис и со него е во финалето од Конференциската лига каде тимот од Севиља ќе се сретне со Челси.

Се разбира, може да остане без ниеден трофеј, но самата можност за историски подвиг е голем предизвик за Бразилецот кој беше буквално отфрлен од Олд Трафорд и кој во првиот дел од сезоната беше отпишан од елитниот светски фудбал.