Тони Грнчаров ќе биде нов извршен директор на МЗТ Скопје!

Кошаркарот кој прв го крена шампионскиот пехар како капитен, Тони Грнчаров (37 години), ќе биде нов извршен директор на МЗТ Скопје и тоа на местото на досегашниот прв човек на клубот, Видоја Секулоски.

Станува збор за член на генерацијата која во 2012 година го оствари деценискиот сон на сите навивачи на „металците“, кога конечно успеа да дојде до толку посакуваниот трофеј наменет за првакот на Македонија. Грнчаров беше предводник на сино-белите и во првата сезона во АБА-лигата, кога беше испишана уште една страница од историјата на кошаркарскиот гигант од Аеродром, населбата од која потекнува и новиот директор на клубот.

Во неговата играчка кариера, освен за МЗТ Скопје, настапуваше уште и за Балкан Стил, Неметали Огражден, Вардар, Работнички и Струмица каде што пред три години ја заврши кариерата. Во својата ризница има вкупно три шампионски пехари освоени со Струмица во 2007, Работнички во 2009 и секако најдрагата со тимот од „Јане Сандански“ пред пет години.

Назначувањето на поранешниот капитен за прв човек на шесткратниот шампион на е првиот чекор кон своевидна „ремзетезација“ на клубот кој во моментов е синоним за македонската клупска кошарка во Европа. Ова значи и промена на целокупното раководство на клубот, пред сѐ на Бордот на директори на чие чело во иднина ќе биде Грнчаров.

Еден од првите чекори на новиот предводник на МЗТ Скопје секако ќе биде и враќањето на навивачката група „Фемили“ на трибините, нешто што дефинитивно ќе се случи на еден од следните натпревари на актуелниот шампион на Македонија.